Црна Гора го соопшти идентитетот на осомничените атентатори врз Ѓукановиќ

Александар Синѓелиќ(десно)

Црногорското обвинителство ги соопшти имињата на двајцата руски државјани, кои, според црногорските власти, се обиделе да организираат атентат врз премиерот Мило Ѓукановиќ. Обвинителството денеска ги обвини Русите Едуард Широков и Владимир Попов за организирање криминална група заради убиство на Ѓукановиќ и поттикнување државен удар за да се спречи приклучувањето на Црна Гора во НАТО.

Црногорски претставници тврдат дека Широков и Попов на 26 септември во Москва се сретнале со шефот на српската националистичка организација Српски волци, Александар Синѓелиќ, за да го организираат заговорот. Тие наводно му дале на Синѓелиќ 200 илјади евра за спроведување на планот.

Непознато е каде се наоѓаат Широков и Попов.

Синѓелиќ наводно рекол дека бил вовлечен во заговорот од „двајца националисти од Русија“ со кои се сретнал додека војувал на страна на проруските сепаратисти во источна Украина. Русија негира вмешаност во наводниот заговор.