Столтенберг - Да се биде сам не е опција

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, смета дека Западот се соочува со некои од најголемите безбедносни предизвици и оти „да се биде сам не е опција“. Во статија во британскиот весник Обсервер објавена денеска, Столтенберг вели дека „ние се соочуваме со најголемите предизвици за нашата безбедност во една генерација“, поради загриженоста од ставовите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за НАТО.

„Ова не е време за преиспитување на партнерството меѓу Европа и САД“, вели тој.

Трамп предизвика загриженост кога за време неговата предизборна кампања посочи дека Вашингтон ќе треба да размисли дали да ѝ помогне на сојузничка земја од НАТО која е под закана, ако таа не го платила својот фер удел за одбрана. Оваа негова изјава фрли сомнеж врз посветеноста на колективната одбрана на НАТО.

Столтенберг нотира дека единствениот пат кога НАТО ја активирал клаузулата „напад врз еден е напад врз сите“ е по нападите од 11 септември 2011 во САД. Тој вели дека околу 1.000 европски војници кои служат во Авганистан ја „платија највисоката цена“ во „директниот одговор“ на нападите од 11 септември. Тој вели дека НАТО се уште игра голема улога и борбата против тероризмот и во одговорот на „сè поагресивната Русија“.

Во моментов САД покриваат 70 отсто од трошоците на НАТО. Столтенберг признава дека и европските земји мора да ги зголемат своите финансиски придонеси во безбедносната алијанса.