Повеќе од 11 илјади уапсени за еден месец во Етиопија

Трупови на луѓето кои загинаа за време на стампедо на фестивал во Бишофту во Етиопија на 2 октомври 2016

Повеќе од 11 илјади луѓе се уапсени во Етиопија откако владата прогласи вонредна состојба на 9 октомври, соопшти официјален претставник. Шефот на Истражниот одбор за вонредната состојба, Тадесе Хордофа, за државната телевизија Еј-Би-Си денеска изјави дека се уапсени 11.607 луѓе, меѓу кои 347 жени. Тие се распоредени во шест затвори низ земјата. Хордофа изјави дека уапсените се обвинети за кривични дела од „напад врз безбедносните сили“, „убиство на цивили и припадници на безбедносните сили“, „спречување јавни услуги“ до „попречување на движењето на возилата“.

Владата, која владее со Етиопија 25 години, прогласи шестмесечна вонредна состојба по немирите кои од централниот дел на земјата се проширија на север. Активистите велат дека стотици луѓе загинале за време на немирите.