Десетици илјади луѓе денеска излегоа на протести на улиците на главниот град на Јужна Кореја, Сеул, на кои се бара оставка од претседателката Парк Геун-хје. Полицијата проценува дека на протестот пред Градското собрание има околу 170 илјади луѓе. Ова е последен од бранот протести кои уследија по обвинувањата дека претседателката дозволила нејзина лична пријателка да влијае на владините одлуки. Нејзината пријателка Чои Сун-сил е обвинета за заплашување на приватни компании за да „донираат“ милиони долари за фондации под нејзина контрола. Обвинителството има рок до 20 ноември да покрене обвинение против неа. Можно е истрагата да се прошири и на претседателката. Минатата недела, преку телевизиско обраќање, таа вети дека ќе соработува со секоја истрага за нејзините постапки.
Денешниот протест е еден од најголемите во Јужна Кореја од 1987 кога милиони луѓе протестираа за демократски претседателски избори.