Иран очекува Трамп да го прифати нуклеарниот договор

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф за време на посетата во Прага. 11.11.2016.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф рече дека верува оти следната администрација на САД ќе го прифати нуклеарниот договор потпишан од Техеран и светските сили, иако новоизбраниот претседател Доналд Трамп вети дека ќе го „искине“ договорот.

Зборувајќи денеска во Прага, Зариф за РСЕ изјави дека очекува Трамп да го поддржи договорот “откако прашината ќе се смири и откако луѓето ќе бидат запознаени со состојбите во регионот и во светот.“

Зариф рече дека во интерес на сите ќе биде доколку во пракса бидат посветени на договорот: „Но, доколку има сомневања околу имплементацијата, тогаш Иран исто така ќе има свои опции.“

За време на кампањата Трамп го нарече договорот „катастрофален“ и дека тој ќе биде „приоритет број еден“ за да го уништи.

Портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер и други експерти од САД вчера изјавија дека договорот не е правно обврзувачки и Трамп не само што може да одбива да се придружува кон договорот, туку тој може да ги поништи извршните наредби на претседателот Барак Обама што ги извршува САД за олеснување на економските санкции врз Иран.