ЕК ја критикува Подгорица за корупција, од Белград бара владеење на правото

Комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан на прес конференција во Брисел, 9.11. 2016

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Црна Гора објавен денеска се наведува дека парламентарните избори што се одржаа во земјата минатиот месец биле повеќе транспарентни, но се критикува Подгорица за борбата против корупцијата и за состојбата со слободата на медиумите. Црна Гора во моментов е најблиску од сите земји од Западен Балкан во приклучувањето кон ЕУ. Таа отвори 24 од 35 поглавја во процесот на преговарање за зачленување во Унијата.

Европската комисија во извештајот за Србија, пак, побара да се подобри владеењето на правото и да се направи напредок во нормализирање на односите со Косово. Северниот сосед има бавен напредок во процесот на пристапување отворајќи само четири од 35 поглавја во преговорите. Во извештајот се наведува дека се потребни кредибилни резултати во борбата против организираниот криминал и дека нема напредок во подобрување на условите кои ќе овозможат слобода на изразување.

За Косово во извештајот на Европската комисија пишува дека во пораст се загрижувањата за несогласувањата меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата што го нарушува нормалното функционирање на парламентот. Во него се повикуваат сите страни да покажат одговорност и да се вклучат во конструктивен дијалог во парламентот како клучен форум за политичка дебата.

За Босна и Херцеговина Европската комисија забележува дека се направени значајни чекори кон членството во унијата годинава со поднесување на апликацијата. Сепак, се наведува дека остануваат главните структурни проблеми во земјата.

Во последниот извештај за Албанија, Eвропската комисија препорача условено отворање преговори за членство во Европската унија. Оценето е дека Албанија постигнала значителен напредок во исполнувањето на петте клучни критериуми за почеток на пристапните преговори.