ЕУ-Можен е единствен пазар на Западен Балкан

Архивска фотографија- Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија,14.10.2016

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во денешното интервју за Радио Слободна Европа вели дека единствениот пазар на Западен Балкан е возможен за две или три години доколку има политичка волја во регионот. Според него луѓето имаат право да ги почувствуваат вредностите од европското ангажирање. Тој додава и дека тоа е нешто за што е потребна политичка волја и ако ја има би било возможно да се реализира за две до три години.

Хан зборуваше во пресрет на објавувањето на годишните извештаи на Европската комисија во кои беа изнесени забелешките и напредокот на земјите од Западен Балкан кои сакаат да се приклучат во Европската унија.

Единствениот пазар во кој е вклучено слободното движење на луѓето, добрата, услугите и капиталот веќе функционира меѓу 28 земји-членки, но Хан не прецизираше како би изгледал единствениот пазар меѓу земјите од Западен Балкан. Без очекувања ниту една земја да се приклучи кон ЕУ пред 2020 година, унијата ќе бара различни начини како да станат повидливи во земјите кандидати за зачленување. Градењето на инфраструктура со која ќе се поврзат земјите меѓусебно е дел од начините преку кои Брисел смета дека ќе се подобри нивната популарност во регионот.