Судот не му го одзема пасошот на Мијалков

Архивска фотографија: Поранешниот шеф на УБК Сашо Мијаков на одбележување на денот на полицијата

Основниот суд Скопје 1 ги одби барањата на Специјалното јавно обвинителство за одредување мерки за претпазливост за осомничените во предметот „Трезор“. Тоа значи дека судот не му го одзема пасошот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијаков кој вчера беше на распит во суд.

Во судското соопштение е наведено дека судијата на претходна постапка ги оценил како неосновани барањата за одземање на патни исправи на тројца осомничени. Одлуката е донесена откако тројцата осомничени заедно со нивниот бранител и претставник на СЈО вчера во судот се произнеле во однос на предметот.

Минатиот месец, судот го одби и барањето на СЈО за притвор за еден осомничен во овој предмет. Позитивно постапи само во однос на барањето за замрзнување на банкарските сметки на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.

Претходно, Апелацискиот суд ја одби жалбата на СЈО со која не беше прифатено барањето на обвинителството за иземање на судијата надлежна за определување мерки за претпазливост против три лица опфатени во предметот Трезор.

Во предметот „Трезор“ осомничени се раководни лица од УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи. Станува збор за истрага за економски криминал, односно за наводно испумпани над 800 илјади евра од буџетот во име на набавка на опрема за МВР.