Мемети: Мигрантската криза тест за човековите права

Народниот правобранител Иџет Мемети

Народниот правобранител Иџет Мемети изјави денеска дека мигрантската криза последните две години го ставила на вистински тест почитувањето на фундаменталните слободи и права на мигрантите и бегалците. На регионалната конференција посветена на пристапот на правото на азил за бегалците и мигрантите во Охрид тој истакна и дека политиките и активностите што ги преземале државите како одговор на кризата само ја отсликале немоќта тие да ја менаџираат и координираат миграцијата. Според него, иако се работи за ранлива категорија луѓе, државите се уште гледаат на нив како на потенцијални безбедносни ризици.

Раководителот на Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, Мухамед Ариф рече дека не е хумано лица да се држат во транзитни центри по осум месеци, меѓу кои жени и деца, без да се бара и најде решение за нивната судбина. На конференцијата учествуваат народни правобранители, претставници на канцелариите на УНХЦР, на меѓународни и невладини организации и на државни органи и организации.