Силен земјотрес во централна Италија

Евакуирани лица од земјотресот кој денеска ја погоди Италија.

Силен земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди централна Италија. Се уште нема информации за жртви, но многу згради наводно биле урнати од земјотресот, кој се случил во 7:40 часот по локално време.

Епицентарот на земјотресот бил покрај градот Норча, кој се наоѓа во близина на Перуџа во областа Умбрија. Меѓу оштетените згради е и базиликата св. Бенедикт и градското собрание во Норча. Земјотресот бил почувствуван и во Рим. Пред два месеци во земјотресот кој погоди неколку мали градови низ Италија загинаа околу 300 луѓе.