Павлопулос повторно за грчкиот карактер на Македонија

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос на средба со премиерот Алексис Ципрас во Претседателската палата во Атина на 20 август 2015

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, по третпат за неколку дена, денеска повторно зборуваше за „грчкиот карактер“ на Македонија, овој пат од Солун, каде присуствуваше на свечена литургија во црквата „Свети Димитрија“ по повод истоимениот празник и одбележувањето на годишнина од ослободувањето на градот.

„Денот на прославата на светиот спомен на заштитникот на Солун, Свети Димитрија, е годишнина на славниот пат на Солун, од една страна, за историјата на нацијата и православието, и второ, за неговата улога како буден чувар за грчкиот карактер на нашата Македонија кој е неоспорлив и за кој не се преговара“, изјави тој.

Павлопулос и минатата година за патрониот празник на Солун даде иста изјава во која зборуваше за „грчкиот карактер на Македонија“.

Пред осум дена во Воден грчкиот претседател рече дека „Македонија била, е и ќе остане грчка“, а неколку дена подоцна, исто така во Солун рече дека „Македонија е една и е грчка“ и оти „ќе направи сè за да го одбрани грчкиот карактер на Македонија“.