Иванов повика на сплотеност за победа на Македонија

Претседателот Ѓорге Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на Денот на Mакедонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните. Тој порача дека денеска се прославува денот кога во 1893 година шестмина Македонци сплотени ја создале првата семакедонска организација која ги дала основните насоки за создавање слободна, независна и суверена македонска држава.

Денес, според Иванов, Македонија е поделена повеќе од кога и да било и внатрешните поделби, како што истакнува, се одразуваат на државните интереси и на европската иднина на Македонија.

„Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. И, пред сè, да се почитуваме, и покрај нашите најдлабоки политички и идеолошки разлики. Само така ќе успееме кон победите од минатото, да додадеме победи и во иднината“, вели Иванов во честитката.

Тој потенцира и дека само со сплотеност ќе се оствари успех со цел Македонија да биде просперитетна, посреќна и побогата земја.