Русија бара свои набљудувачи на американските избори

Архивска фотографија

Русија побара од неколку американски држави да и дозволат да испрати свои набљудувачи на гласачките места на 8 ноември за да го следат гласањето за претседателските избори. Најмалку три држави до сега го одбиле ова барање.

Американскиот Стејт Департмент вчера соопшти дека Русија е добредојдена и дека може да испрати набљудувачи кои би се приклучиле на тимот набљудувачи на ОБСЕ кои ги набљудуваат изборите во САД и Европа. Но Москва ја одби ваквата покана. Портпаролот на Стејт Департментот Џон Кирби изјави дека руските набљудувачи се добредојдени да се приклучат кон тимот на ОБСЕ.

„Ние сме многу сигурни во стабилноста, безбедноста и во силата на изборниот процес. Нема потреба да се крие тоа. Но фактот дека Москва одлучи да не се приклучи на набљудувачката мисија на ОБСЕ, јасно укажува дека ова прашање не е ништо повеќе од само еден ПР трик,“ изјави Кирби.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рибков во интервју за руска новинска агенција ги обвини амерканските власти за политичка дискриминација.