ДИК го усвои Роковникот за изборите

Архивска фотографија - Седница на ДИК, февруари, 2016.

Државната изборна комисија (ДИК) откако денеска ја доби одлуката за распишување на предвремени парламентарни избори на 11 декември, попладнево на седница го усвои роковникот за извршување на изборните дејствија.

Врз основа на овој роковник, Избирачкиот список ќе биде ставен на увид на 28 октомври, а увидот ќе заврши на 11 ноември. Десет дена подоцна односно на 21 ноември ДИК ќе го заклучи Избирачкиот список, а на 1 декември треба да ги потпише изводите од Избирачкиот список.

За време на јавниот увид, како што објасни членот на ДИК Субхи Јакупи, право да се пријават за гласање ќе имаат 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.

Пријавувањето за гласање на македонски државјани кои живеат во странство може да започне веќе од утре, зашто ДИК има изготвено посебна апликација. Пријавувањето и на овие граѓани ќе трае исто така до 11 ноември.

Листите на кандидати за пратеници полититичките партии и независните кандидати треба да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ, а ждрепката за редоследот според Роковникот треба да се одржи на 20 ноември. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.

Според Роковникот што го усвои ДИК на попладневната седница партиите до Комисијата треба да достават три финансиски извештаи и тоа на 1 декември, 10 и 26 декември.