И тројца пратеници од СДСМ не гласале за предлогот на Трајанов

За предлогот поднесен од пратеникот Павле Трајанов, да се прошири дневниот ред на денешната седница на Собранието со две нови точки – предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци и Предлог-закон за изменување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела, што беше и барање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, „не гласале“ и тројца пратеници од СДСМ.

Во документот од гласањето објавен на страницата на Собранието, дека не гласале, се наведени Милена Ѓоргиева, Миле Андонов и Ален Георгијев, пратеници од СДСМ. Лиле Поповска од ДОМ, независната пратеничка Љубица Буралиева, Ермира Мехмети, Али Ахмети, Хазби Лика, Артан Груби од ДУИ не биле присутни, а Талат Џафери од истата партија не гласал. И од ДПА има неколкумина пратеници што не гласале или не биле присутни меѓу кои се и Мендух Тачи и Имер Алиу.

За предлогот на Трајанов гласаа 50 пратеници, а 56 пратеници од владиното мнозинство беа против.