Кери во Лондон на разговори за Сирија

Американскиот државен секретар Џон Кери со саудискиот министер за надворешни работи Адел ал-Џубеир и министерот за надворешни работи на Јордан, Насер Џудех на крајот на разговорите во Лозана, 15 октомври 2016.

Американскиот државен секретар Џон Кери денеска патува во Лондон на разговори со своите европски сојузници за да дискутираат за граѓанската војна во Сирија. По вчерашните разговори за Сирија во Швајцарија, Кери денеска ќе ги информира своите колеги од Велика Британија, Франција и Германија, како стојат работите.

Вчера во Лозана, Кери се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и со највисоките дипломати на Саудиска Арабија, Катар, Иран, Ирак, Јордан, Египет и Турција. Тоа беа први разговори по неуспехот на примирјето во Сирија минатиот месец. Но и оваа средба заврши без договор за конкретни чекори со кои би се запрело насилството во Сирија.

Кери рече дека на состанокот имало бура од идеи и дека се разговарало за нови идеи како да се заживее примирјето. Тој рече дека и покрај тензиите меѓу двете страни, тие се согласиле дека итно мора да продолжат да работат заедно за да се возобнови прекинот на огнот. Американскиот секретар вели дека контактите на високо ниво ќе продолжат и утре, за да разговараат за идните чекори.

Лавров изјави дека се врши притисок за „политички процес“ за ставање крај на конфликтот што е можно поскоро. Рускиот министер за надворешни работи вели дека за да успее американско-рускиот договор за прекин на огнот, сириската умерена опозиција мора да се одвои од организацијата Џабат Фатах ал Шам, претходно позната како фронтот на Ал Нусра, како и со другите „терористички групи“ поврзани со оваа организација.