Силен дожд во скопско и во тетовско

Дожд во Скопје на 16 октомври 2016

Силен дожд проследен со ретки грмежи утрово ги зафати скопскиот регион и полошката котлина.

„Според радарските и сателитските слики, оваа маса се движи кон исток. Во Скопската котлина наскоро врнежите ќе ослабнат по интензитет меѓутоа по извесно време се очекува повторно поинтензивен дожд, повремено пороен со ретки грмежи. Набрзо врнежи од дожд ќе има и во југозападните делови од земјата“, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Околу пладне ќе има престанок на врнежите скоро насекаде, а повторно ќе се интензивираат попладне и во вечерните часови, особено во источните и југоисточните делови.

Температурата се движи од 17 до 22 степени.

Во текот на наредната недела ќе преовладува променливо облачно време со почести врнежи од дожд, но со послаб интензитет. Дневните температури благо ќе опаднат.