Германските власти под силен притисок по смртта на осомничениот за тероризам

Сириецот осомничен за тероризам, Џабел Албакр.

Германската влада побара итна истрага за смртта во затворската ќелија на сирискиот бегалец, осомничен за планирање на бомбашки напад. Џабел Албакр доцна синоќа се самоуби во затворот во Лајпциг, наводно со својата маица.

Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер побара „брза и сеопфатна истрага.“ Тој додаде дека смртта на Албакр ја направила потешка задачата за истражување на наводниот бомбашки заговор на аеродромот во Берлин. Адвокатот на Албакр ја опиша неговата смрт како судски скандал, велејќи оти во затворот биле свесни за самоубиствениот ризик.

Албакр и беше предаден на полицијата на 10 октомври заедно со уште тројца сириски бегалци, откако два дена беше во бегство. Безбедносните служби во неговиот дом пронајдоа експлозив. На Албакр му било дадено право на азил во Германија, по неговото доаѓање во земјата во февруари 2015 година.