Русија обвини украински новинар за шпионажа

Украинскиот новинар Роман Сушенко, кој беше приведен во Русија на 30 септември, е обвинет за шпионажа. Неговиот адвокат Марк Феигин за агенцијата ТАСС денеска рече дека неговиот клиент официјално е обвинет за шпионажа, додавајќи дека Сушенко се изјаснил дека е невин.

Сушенко, соработник од Париз за агенцијата Укринформ, беше приведен во Москва под сомнение дека прибирал класифицирани информации.

На први октомври судот во Москва му изрече мерка притвор во времетраење од два месеца. Портпаролот на украинското министерство за надворешни работи Мариана Бетса денеска рече дека предале протестна нота на рускиот конзул во Киев во која побарале објаснување зошто на украинските претставници не им бил дозволен контакт со Сушенко.