Одбиени жалбите на СЈО за притворот во "Трезор" и иземањето на судија во друг случај

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалба на Специјалното јавно обвинителство против решение на судија на претходна постапка, денеска во присуство на странките, по барање на СЈО, одржа седница на која донесе решение со кое жалбата на СЈО се одбива како неоснована, а се потврдува решението на судија на претходна постапка со кое не беше прифатен предлогот на СЈО за определување мерка притвор против едно лице опфатено со предметот на наведеното обвинителство во јавноста познат како „Трезор“, бидејќи не се основани наводите во предлогот на обвинителството. Ова се наведува во соопштението на Основниот суд Скопје1 објавено попладнево.

Од таму информираат и дека до нив од Апелациониот суд денеска стигнало решение со кое второстепениот суд ја одбил жалбата на СЈО поднесена против решението на Претседателот на Кривичниот суд, со кое не беше прифатено барањето на СЈО за изземање на судијата, надлежна да постапува по обвинителниот предлог против седум лица за кривичното дело Фалсификување службена исправа.

„Апелациониот суд ги ценел наводите во жалбата на СЈО, но ги одбил како неосновани и утврдил дека Претседателот на првостепениот суд правилно постапил кога согласно одредбите од член 33 ст.2 од ЗКП, со образложено решение, го одбил барањето за изземање на судијата бидејќи не постојат околностите кои предизвикуваат сомнение за непристрасност на судијата за кој се бара изземањe“ наведуваат од судот.