Врховен бара повторно да се одлучува за притворот на Талески

Врховниот суд на Република Македонија ја уважи жалбата на СЈО по одлуката на Апелацискиот суд Скопје во врска со мерката куќен притвор за градоначалникот на Битола Владимир Талевски, а предметот го врати на повторно постапување.

" Во Врховниот суд на Република Македонија е заведен предмет Вкж 1 бр.21/2016 по повод жалба против Решението на Апелациониот суд Скопје Ксж бр.431/16 од 19.09.2016 година со кое е одбиен предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за продолжување на мерката куќен притвор за лицето Владимир Талевски. Поднесената жалба е уважена, а Решението на Апелациониот суд Скопје е укинато и предметот е вратен на повторно постапување" се наведува во соопштението од Врховниот суд.

Од Врховниот суд информираат и дека вчера е примено барање за заштита на законитоста во постапката за осудениот Звонко Костовски, поднесено од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

„Подносителот барањето го поднел преку пошта, со препорачана пратка на 04.10.2016 година. Во овој контекст Врховниот суд на Република Македонијане можеше претходно да постапува по барањето како што беше повикуван во медиумите, бидејќи истото воопшто не било доставено до судот. Веднаш по приемот на барањето судот со писмо го повика подносителот да ги достави списите на судскиот предмет. Во оваа насока потребно е странките во постапката да се воздржуваат од изнесување на неточни информации во јавноста за непостапување на Врховниот суд на Република Македонија во време кога пред судот не е ниту иницирана постапка“ стои во соопштението на Врховниот суд.