Прекинот на нуклеарната соработка Русија-САД е погрешен чекор

САД оценија дека руската одлука за прекин на програмата за соработка која ги обврзува двете земји да елиминираат делови од нивните залихи на оружје врз база на плутониум „е голема грешка“. Портпаролот на Стејт департментот Џошуа Бејкер вчера рече дека договорот „е за соработка во областа на нуклеарната безбедност“ и оти САД би сакале таа соработка да продолжи. Рускиот претседател Владимир Путин на 3 октомври го суспендира договорот, откако Вашингтон објави дека ги суспендира разговорите со Русија во обидите за окончување на насилствата во Сирија.

„[Москва и Дамаск] не сакаат примирје, тие не сакаат договори, тие не сакаат прекин на насилствата“, рече Бејкер.

„Токму затоа сметавме дека ќе биде подобро за САД да се фокусираат главно на хуманитарната помош и на потесната соработка со другите наши партнери во Сирија“, вели тој.

Во предлог законот поднесен до Парламентот на 3 октомври, Путин поставува услови за обнова на нуклеарниот договор со САД, вклучувајќи го укинувањето на сите американски санкции против Русија и компензација на штетата што тие досега ја предизвикаа, како и намалување на американската воена инфраструктура и сили во Источна Европа.

Бејкер вели дека санкциите против Русија поради нејзините активности во источна Украина ќе останат на сила сè до исполнување на Договорот од Минск, кој има за цел ставање крај на борбите меѓу проруските сепаратисти и украинските сили во источна Украина. Тој вели дека Москва исто така треба да и го врати анектираниот Кримски Полуостров на Украина.