Асанж ќе објави нови документи за претседателските избори во САД

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж најави дека ќе објават околу еден милион документи пред крајот на годината. Тој денеска рече дека документите што ќе бидат објавени, содржат „значаен материјал“ за претседателските избори во САД, за Гугл, за војната, оружјето и за нафтата. Тој се обрати преку видео линк на прес-конференција во Берлин, по повод одбележувањето десетгодишнината од регистрација на домејнот на Викиликс.

Асанж најави и промени во начинот на организација и финансирање на Викиликс, а исто така најави и дека планираат да ја прошират соработката со нови медиуми, освен постоечките 100 со кои до сега имале соработка.

Асанж е во засолниште во еквадорската амбасада во Лондон од 2012 година, оти по него е распишана потерница од шведската полиција. Тој е осомничен за наводни сексуални кривични дела, што тој го негира.

Асанж стравува дека ако биде екстрадиран во Шведска, потоа ќе го испратат во САД каде што ќе му судат за објавување на тајни документи на Викиликс.