Иванов: Изборите ќе бидат излез од кризата само ако се деблокираат интеграциите

Предвремените парламентарни избори ќе бидат излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат интеграциите на Република Македонија, порача претседателот Ѓорге Иванов во синоќешното обраќање на свечениот прием за учесниците на 15. Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ што се одржа во Музејот на македонската борба.

Според Иванов, блокадата на европската и евроатлантската интеграција на Македонија стана една од главните причини за постојаната политичка криза што, нагласи, кулминираше годинава и со тоа, последиците од блокадите станаа причини за нови блокади.

"Верувам дека предвремените парламентарни избори ќе бидат излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат интеграциите. Само со отворање на европските перспективи за македонските граѓани ќе се излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба" рече претседателот Иванов.

Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ почна на 29 септември, а завршува денеска. Станува збор за најголемиот меѓународен парламентарен настан организиран во историјата на Република Македонија, со учество на делегации од 51 земја-членка во ОБСЕ, 370 пријавени учесници, од кои 220 пратеници.

Годинава темата на парламентарната конференција е „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро управување во регионот на ОБСЕ“.