СЈО- Имавме упад во нашата електронска пошта

Од Специјалното јавно обвинителство денеска потврдија дека во текот на месец декември 2015 година бил извршен неовластен упад во нивната електронска пошта, по што биле преземени сите чекори за зголемување на безбедноста на електронската пошта.

„Напоменуваме дека во тој период немавме вработено лице кое би се грижело за информатичката безбедност на електронската пошта. Настанот не беше пријавен пред надлежните органи, бидејќи во тој момент немавме никаква реална штета од упадот. Меѓутоа, со оглед дека со објавата на youtube каналот јасно е изразена целта на упадот во нашата електронска пошта, Ве известуваме дека ќе бидат преземени сите мерки за расчистување на случајот“ наведуваат од СЈО.

Во текот на вчерашниот ден, неколку часа по прес-конференцијата на која го објавија случајот „Трезор“ на каналот Јутјуб беше објавено видео со содржина од електронската пошта на адресата на Специјалното јавно обвинителство.