Продолжува протестот на средношколците Македонци од Тетово

Учениците Македонци од тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ, нивните родителите и професори едногласно го одбија денешниот предлог на локалните власти привремено сите 12 паралелки да учат во двете згради од старото медицинско училиште покрај реката Пена. Овој предлог на собраните во големата сала од Советот на општина Тетово им го пренесоа раководителот на секторот за јавни дејности Ахмед Ќазими кој присуствуваше на состанокот, што претставници од гимназијалците, нивните родители и професори го одржаа со градоначалничката Теута Арифи. Тие велат дека објектите што им се предлагаат се руинирани.

Претходно и денеска, трет ден по ред, гимназијалците заедно со родителите и професорите се собраа на градскиот плоштад за, како што велат, уште еднаш да побараат исполнување на ветувањето од први септември дадено од градоначалничката Арифи за нивно враќање во централната зграда на гимназијата и по еден месец да почнат со настава.