Заев:На 11 декември ќе има фер и регуларни избори

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска при посетата на тиквешкиот регион изјави дека е убеден дека на 11 декември ќе има фер, регуларни и демократски избори и повика да не се вршат притисоци врз Специјалното јавно обвинителство.

„ Ќе сторам се како еден од важните фактори во Република Македонија, јас, мојата партија и целата опозиција, изборите да бидат слободни каде што граѓаните на регуларен, фер и демократски начин ќе ја изразат слободната волја и тие ќе ја проектираат иднината на Македонија. Во тоа име уште еднаш испраќам порака, да не се дрзне под политички притисок кој било, а така и Уставниот суд, да го укинува Специјалното јавно обвинителство“ рече Заев во одговор на новинарско прашање.

Во врска пак со прислушуваните разговори кои минатата недела се појавија на социјалните мрежи Заев рече дека за тоа како излегле во јавноста требало да се прашаат Сашо Мијалков, Никола Груевски, Горан Грујевски, затоа што како што додаде, претпоставувал дека тие имаат два до три пати повеќе разговори од тие што СДСМ ги поседувало и ги доставило до Специјалното Јавно Обвинителство.