Четири жени убиени во пукање во трговски центар во САД

Илустрација

Четири жени биле убиени, а еден маж е тешко ранет во пукање во трговски центар северно од Сиетл, по што напаѓачот избегал, соопшти полицијата од американската сојузна држава Вашингтон. Полицијата претходно соопшти дека има четворица загинати, па ја промени бројката на тројца, па по пребарувањето на трговскиот центар, повторно соопшти дека сепак има четири мртви.

Пукањето се случило во 19:30 по локално време, односно во 4:30 изутрината по македонско време, во трговски центар во градот Бурлингтон, на околу 100 километри северно од Сиетл. Полицијата соопшти дека трага по маж со латиноамериканско потекло облечен во црно и вооружен со пушка, кој последен пат е виден како го напушта трговскиот центар и се упатил кон меѓудржавниот автопат.

Телевизијата Ен-Би-Си њуз, повикувајќи се на полицијата, објави дека нема индиции дека се работи се терористички чин.

Очевидци за локалните медиуми изјавиле дека вооружениот напаѓач влегол во еден дуќан и почнал да пука, по што околните дуќани биле евакуирани.