Судот врати докази во СЈО

Основниот суд Скопје 1 денеска соопшти дека во врска со обвинителниот предлог против лицата Г.Г и други лица за кривичното дело „Фалсификување службена исправа“ од чл.361 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ поднесен од страна на Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите со допис ги вратил доставените докази во прилог на обвинителниот предлог на СЈО.

„Имено во дописот се наведува дека во прилог на доставениот обвинителен предлог против осомничените лица, доставена е и листа на докази и попис на списи со приемница, меѓутоа од содржината на пописот не произлегува дека е доставен акт за декласификација на доказите за потребите на судската постапка врз основа на кој класифицираните докази може да се користат во постапката, односно да може да се оцени основаноста на обвинението, со оглед на тоа што без ваков акт, истите не може да бидат користени од страна на судската служба, за оформување на списите на предметот“, се наведува во соопштението на судот.