Кери побара да не се надлетува над клучните зони во Сирија

Американскиот државен секретар Џон Кери рече дека сите авиони во северна Сирија треба да бидат приземјени за да се создаде веродостоен прекин на огнот во областа.

Кери на Советот за безбедност на Обединетите нации денеска рекол дека верува дека постои начин за излез од крвопролевањето во Сирија и дека прекинот на надлетувањата може да ја врати довербата во напорите за завршување на граѓанската војна во земјата.

Руско-американскиот договор за прекин на огнот во Сирија постигнат на деветти септември пропадна, а двете страни се обвинуваат меѓусебно за неисполнување на обврските.

Според Кери неопходно е Русија да ја натера сириската влада на претседателот Башар ал-Асад да ги приземји своите авиони. Тој додаде дека само руски и сириски воени авиони летале во северна Сирија на 19 септември кога беа нападнати конвои со помош на Обединетите нации и магацин на Црвениот крст при што загинаа 20 цивили.

Москва тврди дека во бомбардирањето не биле вклучени ниту сириските ниту руски авиони. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот на Советот за безбедност рекол дека Русија и Сирија нема да бидат дел од ниту една „еднострана пауза“ која како што додал, ја користеле опозициските групи што се борат против сириската влада за вооружување и зацврстување на позициите.