Чавков: Безбедносната ситуација е стабилна, но има предизвици

Променливите форми на насилен екстремизам, тероризам, исламски фундаментализам, прашања поврзани со странски борци се само дел од најголемите закани по безбедноста кои ги посочи директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков на Меѓународната конференција која се одржува во Охрид.

Конференцијата е насловена „Менаџмент и преговори во кризни ситуации“ и е во организација на Бирото за јавна безбедност и на Мисијата на ОБСЕ во Македонија. На неа учествуваат полициски експерти од областа на безбедноста од државите во регионот и претставници на академската заедница.

Чавков вели дека МВР вложило значителни напори во насока на зајакнување на своите капацитети, меѓу кои формирање тим за преговори во кризни и сложени ситуации. А интенција на МВР е капацитетите да ги развива и на регионално ниво, преку стандардизирање на оперативните процедури, организациски форми на донесување одлуки и координација во рамки на МВР.

Што се однесува на актуелната безбедносна ситуација во регионот, Чавков истакна дека безбедносната ситуација во Македонија е стабилна, но реални се заканите и предизвиците со кои се соочуваат сите држави од регионот и Европа.