ОБСЕ - изборите во Белорусија не беа фер и слободни

Изборите во Белорусија во ниту еден случај не беа слободни и фер соопшти началникот на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ во Белорусија, Кент Харстед. Тој за Радио Слободна Европа денеска изјави дека имало толку многу повреди на избирачкиот процес, што изборите не ги исполнуваат меѓународните стандарди. Тој сепак бележи дека имало подобрување во начинот на кој беа спроведени изборите.

Претставникот на ОБСЕ вели дека сепак не можат да се потпрат на официјалните резултати и дека Белорусија треба да направи промени во изборни закони и во прописите за регистрација на политичките партии.

Претходно, Централната изборна комисија на Белорусија соопшти дека двајца опозиционери освоиле место во парламентот. Две кандидатки од опозицијата ќе бидат пратенички, тие се првите опозиционери кои успеале да добија пратеничко место во последните 20 години. Изборната комисија соопшти дека на изборите гласале 74, 32 проценти од луѓето со право на глас.