Хан: Србија е прва на листата на проширувањето на ЕУ

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска во Белград изјави дека е неспорна посветеноста на Европската унија на проширувањето на Западен Балкан и оти Србија е на врвот на таа листа.

„Постои јасна поддршка и одлучност Србија да биде во европското семејство“, рече Хан на прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ.

„На почетокот на јули се одржа самитот во Париз и сите лидери изразија посветеност на проширувањето на Унијата на Западен Балкан, а Србија е на врвот на таа листа и бидете уверени дека има поддршка и одлучност Србија да биде дел од европското семејство“, рече Хан.

Тој истакна дека ЕУ ќе продолжи да работи напорно за да се реализира натамошниот напредок на Србија на нејзиниот европски пат. Хан напомена дека усогласувањето со европските стандарди е во интерес на граѓаните на Србија, а не за да се задоволат европските функционери.

Тоа е важно, како што рече, заради постигнување благосостојба и просперитет, со цел земјата да биде попривлечна за странски инвестиции.