САД и Русија се договорија за обновување на прекинот на огнот во Сирија

САД и Русија постигнаа договор за обновување на прекинот на огнот во Сирија, додека работат заедно да ги поразат терористичките групи и да постават темели за мировни преговори.

Американскиот државен секретар Џон Кери стоејќи до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, ден по вчерашните маратонски разговори во Женева, изјави оти верува дека планот ќе помогне за „запирање на конфликтот“ и дека може да значи „пресвртница“ во шестгодишната граѓанска војна, ако посветено биде извршуван од сите страни.

„Денеска САД и Русија најавуваат план со кој се надеваме дека ќе се намали насилството и страдањето и ќе се продолжи движењето кон преговорите за мир и за политичка транзиција во Сирија“, рече Кери.

Тој додаде дека САД верува оти „Русија и мојот колега имаат капацитет да извршат притисок врз режимот на сисрискиот претседател Башар ал – Асад да го запре конфликтот и да дојде на преговарачка маса и да постигне мир“, рече тој.

Планот за прекин на огнот ќе стапи на сила на 12 септември, на првиот ден од муслиманскиот празник Рамазан. Ако примирјето се одржи една недела, Русија и САД ќе започнат да работат заедно на воени напади врз филијалата на Ал Каеда во Сирија, Ал Нусра и врз групата на Исламската држава, рече Кери.