Заев со порака за Денот на независноста

Да извлечеме поука од искушенијата низ кои поминавме како држава, како граѓани, групи, заедници, политички партии, како индивидуи изминатите 25 години, порача денеска претседателот на опозициската СДСМ Зоран Заев, во обраќањето по повод Денот на независноста.

Заев нагласи дека секој е нова сила на напредокот во државата и посочи дека да бидат независни граѓаните значи да преземат одговорност за себе и за својата држава.

Според Заев, „секој заслужува пристојна работа, пристојна плата и достоинствен живот, на децата им е потребно образование што ќе мотивира, здравствен систем што ќе лечи, иституции што ќе им служат на граѓаните“.

„Ќе изградиме земја на достоинствени граѓани, просперитетна Македонија, дел од Европската унија и НАТО. Да се обединиме уште поцврсто, сите за Македонија! Да зачекориме уште похрабро, сите за Македонија! Да ги задржиме младите во Македонија! Да ги вратиме иселените! Да си ја вратиме државата!, наведе Заев.

Заев вели дека ништо не ја погоди земјата и не удри по слободата и егзистенцијата на граѓаните како што тоа го направи недемократската власт изминатите 10 години.