Путин утре во Узбекистан да му оддаде почит на Каримов

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе го посети Узбекистан на 6 септември да оддаде почит на гробот на претседателот Ислам Каримов, кој почина минатата недела по претрпениот мозочен удар. Путин рече дека смртта на Каримов е голема загуба за земјата. Рускиот претседател се надева оти земјата ќе успее да ја сочува стабилноста и дека двете земји ќе продолжат да одржуваат добри односи.

Рускиот лидер изјави и дека со американскиот претседател Барак Обама зборувале за решавање на кризата во Сирија на маргините на самитот на Г20 во Кина.

„И покрај се, ние имаме усогласени ставови за тоа што може да направиме за да се стави крај на ескалацијата на ситуацијата во Сирија", изјави Путин.

Тој изјави дека се разбираат со Обама околу тоа кои се предизвиците со кои се соочува светот во Сирија.

Обама и Путин се согласиле нивните дипломати да продолжат да разговараат за Сирија, откако претходно денеска не успеаа да договорат прекин на огнот. Двајцата лидери се заложиле и за почитување на Договорот од Минск за прекин на огнот во Украина. Обама му пренел на Путин дека се додека не се исполни договорот, САД нема да ги укинат санкциите.