СДСМ и МОН пресметуваат колку чини еден ученик

Од СДСМ велат дека власта само се фали дека вовеле бесплатно образование, но тоа е залудно, оти трошоците за почеток на учебната година за еден ученик изнесуваат колку една минимална плата од 9.000 денари!

„За да ја започнат учебната година, родителите се изложени на огромни трошоци. Плаќаат за тетратки, ранци, осигурување, ужинка, за комплети за техничко образование и дневен престој. Во многу училишта од родителите се бара да платат за униформи, за обезбедување, но и за бели листови за копирање, за тоалетна хартија и сапун. Сè тоа е огромен товар на семејниот буџет, велат од СДСМ.

Министерството за образование и наука по информација од СДСМ дека стартот на учебната година ги чини семејствата неколку илјади денари по ученик, соопштува дека веќе осма година се спроведува концепт на бесплатно образование, со обезбедување бесплатни учебници за сите основци и средношколци, како и бесплатен превоз за оние кои живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето, стои во реакцијата на МОН.