Собранието треба да ја избере преодната влада

Собранието на Македонија денеска согласно договорот постигнат на лидерската средба треба да ја избере преодната влада која ќе ги организира парламентарните избори закажани за 11 декември. Во преодната влада опозицијата треба да ги добие министерските места во секторите внатрешни работи и труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство. Централниот одбор на СДСМ синоќа едногласно ги прифати предлозите на раководството и Извршниот одбор на партијата за кандидати за министри и дополнителни заменици министри за составот на техничката Влада за организирање и спроведување избори. Кандидат за министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски, Фросина Ременски е кандидатка за министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов кандидат за дополнителен заменик министер за финансии, Александар Кирацовски кандидат за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, водостопанство и шумарство.