Хан и Могерини го поздравија договорoт за избори во Македонија

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, заедно со еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, синоќа со заедничко соопштение го поздравија договорот што во Скопје го постигнаа лидерите на четирите најголеми политички партии со што е договорено одржување предвремени парламентарни избори на 11-ти декември во земјата. „Го поздравуваме фактот што лидерите на четирите најголеми политички партии донесоа голем број на важни одлуки за напредок во спроведувањето на политичкиот договор од минатата година, вклучувајќи поставување на датумот за одржување на предвремените парламентарни избори на 11 декември. Апелираме до сите политички партии строго да ја почитуваат веродостојноста на изборниот процес, за да им се овозможи на сите граѓани слободен избор и, по изборите, да се изгради влада која ќе се справи со клучните реформи и ќе работи за интересите на сите граѓани. Во иста насока, сите политички сили треба итно да ги обноват нивните напори за спроведување на остатокот од политичкиот договор, вклучувајќи ги и Итните реформски приоритети. Европската унија ќе ја продолжи својата поддршка на процесот и ќе и помогне на земјата да се врати на својот евроатлантски пат“, се наведува во соопштението.