Даути се повлече од кандидат за член на Комисијата за медиуми

Привремената комисија за следење на медиумите во предизборниот период и денеска не постигна согласност за избор на петтиот член, а притоа еден од кандидатите, Даут Даути, јавно соопшти дека ја повлекува номинацијата.

Привремената комисија ќе функционира како дел од Агенцијата за медиуми, при што во 100 дена пред изборите, кога ќе се спроведува засилено набљудување на информирањето, одлуките на Комисијата треба да бидат задолжителни за Агенцијата. Тие одлуки можат да доведат до постапки за казнување на телевизиите и радио станиците, за прекршување на методологија за известување подготвена според француски модел, која телевизиите ја оценија како претерано строга и произволна.

Од СДСМ преку соопштение информираа дека го поздравуваат повлекувањето на Даут Даути од кандидатурата за петти член на привременото телото за мониторинг на медиуми. Со тоа, веќе не постои натамошна пречка, четворицата избрани членови да го изберат единствениот преостанат кандидат и да го комплетираат составот на телото, велат од СДСМ.