СДСМ бара одговорност од надлежните за поплавите

СДСМ денеска побара одговорност од поранешниот премиер Никола Груевски, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и министерот за внатрешни работи Митко Чавков за поплавите во Скопско на 6 август.

„Ќе одговараат зашто пуштиле во употреба ризична обиколница, зашто не го предупредиле населението навреме за катастрофата, зашто не ги исчистиле каналите и коритата, зашто не го сопреле сообраќајот кон ризичното подрачје“, рече портпаролот Петре Шилегов.

Според СДСМ, во 2009 година била пуштена обиколницата, а не била обезбедена заштита од поплави, а за време на невремето бил упатен апел до населението да не излегува од домовите и возилата и не била испратена сообраќајна полиција која навреме би ги сопрела возачите да не одат по обиколницата.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакција на изјавата на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов кој побара одговорност од функционери од ВМРО-ДПМНЕ за поплавите во скопско, оценува дека опозициската партија се обидува да собере политички поени и да ја злоупотреби трагедијата во која загинаа 22 луѓе.