Иванов и Ердоган зборувале за безбедноста и мигрантите

Билатералните односи и соработката меѓу Македонија и Турција, со акцент на прашања од сферата на безбедноста, мигрантската криза и економските односи биле во фокусот на разговорот меѓу македонскиот и турскиот претседател Ѓорге Иванов и Реџеп Таип Ердоган денеска во Истанбул.

На средбата претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, изразил сочувство и жалење за серијата терористички напади во земјата, вклучувајќи го и денешниот, врз полициски контролен пункт во југоисточна Турција.

Турскиот претседател Ердоган изразил сочувство и жалење за поплавите што се случија на 6 август во Скопје. Во тој контекст претседателот Иванов се заблагодарил за помошта од Република Турција.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на Иванов, било договорено зајакнување на контактите и соработката на безбедносните служби во делот на превенција и размена на информации во борбата против тероризмот, како и за предизвиците поврзани со мигрантската криза. Двајцата претседатели се согласиле за потребата од потесна билатерална соработка, но и соработка преку регионални и мултилатерални механизми, како и продолжување на економската соработка.