САД посветени на заштита на балтичките држави

Американскиот потпретседател Џо Бајден ги увери балтичките држави дека Вашингтон ќе почитува обврската на НАТО да ги заштити. Бајден ги повика претседателите на Естонија, Летонија и на Литванија да не ги земаат сериозно изјавите на претседателскиот кандидат од Републиканската партија, Доналд Трамп, кој неодамна рече дека ако биде избран, тој може да се откаже од обврската на НАТО автоматски да ги брани сите членки на Алијансата. Зборувајќи во главниот град на Летонија, Рига, Бајден денеска ги отфрли коментарите на Трамп, велејќи дека во САД постои огромна посветеност на НАТО во двете најголеми партии. Лидерите на НАТО минатиот месец се согласија за прв пат да распоредат воени сили во трите балтички држави и во источна Полска и да ги засилат воздушните и морски патроли поради загриженоста на сојузниците во регионот од заканите од Русија. Посетата на Бајден на Балтикот се совпадна со 77-годишнината од потпишувањето на пактот Молотов-Рибентроп на 23 август 1939 година. Пактот потпишан во пресрет на Втората светска војна ја подели Источна Европа меѓу СССР и Нацистичка Германија, при што Естонија, Летонија и Литванија во 1940 година беа анектирани од Советскиот Сојуз.