ДЗС завршува со расчистувањето по поплавите

Дирекцијата за заштита и спасување ги повлекува сите 96 камиони и багери кои биле ангажирани во расчистување на поплавените региони, вели директорот на ДЗС Шабан Салиу. Тој на прес конферанција во Стајковци, рече дека во поплавените региони Дирекцијата со 3.400 вработени исчистила и тампонирала 71 улица со вкупна должина од 15.700 метри, а исчистени се канали и речни корита во должина од 8,6 километри. Екипите на ДЗС, вели Салиу, дезинфицирале и дератизирале и 447 објекти, испумпале вода и кал од 53 куќи, исчистиле 67 септички јами, а чистеле и куќи и дворни места од кабаст отпад, санирале свлечишта, темели на куќа, потпорни ѕидови...

Преку ДЗС ангажирани биле 19 фирми.

Салиу изрази сочувство до фамилиите од настраданите во поплавата и информира дека се уште не е пронајдено 16-месечното дете по кое се трага.