СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со преписки за парите за поплавените

Искористувајќи ги поплавите и судбините на семејствата од поплавените подрачја, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски предложија ребаланс на буџетот, оценија денеска преку соопштение од СДСМ.

Опозициската партија тврди дека Груески неуспешно се криел зад потписот на директорите на АД ЕЛЕМ и на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје, а дека средствата за Рајската Градина и за Панорамското тркало биле прелеани во буџетите на овие две компании, кои биле во целосна сопственост на граѓаните на Република Македонија.

„Освен пренамената на 33 милиони евра за отштета, кои патем без срам изјавија дека ќе ги обезбедат од ново задолжување, дополнително ВМРО-ДПМНЕ се обидува да си обезбедат 232 милиони евра за предизборна корупција“ наведуваат од опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат нагласувајќи дека тие секогаш воделе сметка за граѓаните и кога имало и кога немало елементарни непогоди.

„ СДСМ знае дека преку Буџетот не се финансираат ниту Панорамското тркало, ниту Рајската градина, но лажењето е прв предмет кој го учат експертите од економската школа „Вице Заев“, се вели во рекацијата од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, се додава, се води од мотото „колку полошо за Македонија, толку подобро за СДСМ“ и користи човечки трагедии за бесрамно и најдолно да лаже и манипулира.