Фич го намали кредитниот рејтинг на Македонија

Фич го намали кредитниот рејтинг на Македонија во ББ од ББ+, соопшти вчера доцна попладне рејтинг агенцијата, а пренесе Ројтерс.

Намалувањето на кредитниот рејтинг на земјава, како што се наведува, е поради македонската политичка криза која почна по сериозните наводи за корупција во февруари 2015 и која се уште не е разрешена, со што се истакнуваат недостатоците во стандардите на добро владеење. Планот за кој посредуваше Европската комисија во рамки на Договорот од Пржино од јули минатата година неуспеа, се наведува во веста, во која се нотираат и неуспешните обиди за одржување на предвремени парламентарни избори во април и во јули годинава.

“Протестите продолжија, главната опозициска партија продолжи со бојкотот на парламентот, а истрагите на специјалното обвинителство за корупција на високо ниво е отежната, според независни набљудувачи ” наведува агенцијата.

Во соопштението пишува и дека се уште е неизвесно дали ќе се одржат парламентарни избори и ако се одржат дали ќе водат до стабилизација на политичката состојба и намалување на политичките тензии.