Одбележување на 18 Август - Денот на Армијата на Република Македонија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска ќе се обратат на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август - Денот на Армијата на Република Македонија, што ќе се одржи на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ.

Како што соопшти кабинетот на Претседателот, по повод Денот на Армијата на Република Македонија, Иванов ќе ги одликува со Орден за воени заслуги Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон при Армијата на Република Македонија.

"Орденот за воени заслуги на двата баталјона на Армијата на Република Македонија им се доделува за исклучителен придонес и поддршка во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурност на македонските граѓани, особено во справувањето со бегалската криза како глобален безбедносен предизвик", се наведува во соопштението.