Бајден ќе ја посети Турција

Aмериканскиот потпретседател Џо Бајден

Турција соопшти дека американскиот потпретседател Џо Бајден ќе ја посети земјата на 24 август. Посетата денеска ја најави турскиот премиер Бинали Јилдирим. Тој исто така рече дека ставот на Вашингтон во однос на барањето за екстрадиција на свештеникот Фетула Ѓулен, кој е осомничен дека стои за неуспешниот воен удар во Турција, е подобрен, но не соопшти детали.

Анкара го прогласи движењето на Ѓулен за терористичка организација и бара екстрадиција од САД за може да му суди. Вашингтон, пак, бара докази за негова вмешаност пред да го екстрадира. Ѓулен негира каква било вмешаност во обидот за воен удар од 15 јули.

Јилдирим исто така рече дека над 81 илјада луѓе, меѓу кои и судии, војници и државни службеници се или суспендирани или отпуштени по неуспешниот пуч во кој беа убиени повеќе од 270 луѓе. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе ја ослободи Турција од мрежата на Ѓулен, но западните сојузници се загрижени поради обемот на чистките.