Турција се противи на критиките за чистките

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турција го критикува високиот комесар за човекови права на ОН, затоа што рече дека Анкара треба да ја запре својата „жед за одмазда“ по неуспешниот воен удар. Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Тању Билгич денеска изјави дека коментарите на претставникот на ОН се неприфатливи. Тој исто така негира дека се кршат човековите права на луѓето во чистките што се спроведуваат во јавните установи.

„Во најдобар случај, несреќна изјава на официјален претставник на ОН задолжен за заштита на човековите права, кој рече дека нема симпатии за заговорниците на воениот удар, наместо да ги осуди терористите кои се обидоа да спроведат крвав воен удар“, рече тој.

Високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Раад Ал Хусеин, оваа недела ја повика Анкара да ги почитува правата на уапсените по неуспешниот пуч од 15 јули.

Властите суспендираа, уапсија или почнаа истрага против десетици илјади војници, полицајци, судии, новинари и јавни службеници. Западните сојузници се загрижени дека претседателот Реџеп Таип Ердоган го користи пучот како изговор за чистките што треба да ја зајакнат неговата моќ.

Ердоган вети дека ќе ја ослободи Турција од мрежата на муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен кој живее во САД, чии следбеници во безбедносните сили, судството и во јавната администрации ги обвинува за организирањето на неуспешниот воен удар. Ѓулен ги негира обвинувањата.