Пријавени 3.537 граѓани со спорни записи во Избирачкиот список

До Државната изборна комисија до изутринава до 8 часот пристигнале 3.537 барања за регулирање на избирачкото право од вкупно 39.502 граѓани кои се на списокот со спорни записи по вкрстените и административни проверки на Избирачкиот список.

Од овие 3.537 барања, Комисијата прифатила 3.359, во фаза на разгледување се 122, а 56 во обработка. Барањата можат да се поднесат во подрачните едници и одделенија на ДИК, како и електронски.

ДИК на својата веб-страна има објавено линк „Провери и пријави се“ преку кој граѓаните можат да пристапат до списокот со спорни гласачи и веднаш до него да најдат електронско барање за регулирање на избирачкото право. На овој линк можат да се најдат и информации колку лица се пријавиле до ДИК, а кои биле на списокот со спорни записи.

Се очекува Комисијата да ја интензивира кампањата во последната недела пред истекот на рокот за пријавување 19 август. Уште една можност за пријавување граѓаните ќе имаат за време на јавниот увид пред предвремените парламентарни избори, што се очекува да се одржат до крајот на 2016 година